Јадранско-подунавски куп Џетиња 2018

Јадранско-подунавски куп Џетиња 2018

Од 10-13.05.2018 се одржа 9-тиот Јадранско-подунавски куп во мушичарење на реката Џетиња кај Ужице, Србија. На натпреварот имаше 21 екипа, односно 63 натпреварувачи. Од Македонија учество зема една екипа, согласно резултатите од Државната мушичарска лига на Македонија, во состав Јулио Божиновски, Зоран Трајковски и Александар Цветановски (Цакуле) како натпреварувачи и јас како четврто пласиран за резерва. Со оглед на тоа што Цакуле доби принова два дена пред тргање, до последен момент не се знаеше дали ќе дојде или не. Утрото на 13.05 не извести дека сепак нема да дојде и јас го заменив како натпреварувач. За логистика ги земавме Пепи и Емил, требаше да бидеме тројца во позадина, но останаа само тие двајца.
Во четвртокот стигнавме до Ужице, се сместивме, прошетавме малку и на спиење. Во петокот станавме во 05:00, прво на доручек и после на тренинг. За тренингот бевме исто поделени во три дела каде што нема да се натпреварува, па Јулио остана во градот, Пепи и Зоки на среда, а јас и Емил отидовме на горниот дел на реката. Сите имавме улови на тренингот, видовме отприлика на што ќе ловиме на натпреварот, заврши официјалниот тренинг, не вратија во градот и ние правец на река да “дотренираме“. Фативме уште по некоја риба, ги дефиниравме мушиците и отидовме на свечено отворање, дефиле, кратка закуска, па на крај состанок на капитени, влечење позиции, комбинации итн. Вечерта се спремивме, се наместивме и во сабота станување во 05, доручек, собирање надвор и разнесување со комбиња по сектори. Јулио во А, Зоки во Б и јас во Ц.
Реката е релативно мала, како Сатеска и на некои делови малку поголема од Сатеска. Има поточара, младица и липљан (младицата и липљанот се дополнително порибени). Пастрмките што се ловеа беа генерално 20-25/6 см, а липљаните 25-35 см. Младица нормално не се улови.
Во прво коло се упишавме сите (тоа ни беше целта на сам почеток, да немаме нула во било кое коо/сектор) и после прво коло бевме на 7-мо место.
После тоа не собраа комбињата, отидовме на некое излетничко место каде што имаше ручек за сите учесници на отворено, за после ручекот веднаш да се упатиме на стаза. Второ коло, јас во А, Јулио во Б, Зоки во Ц. И во второ коло се запишавме сите, а во генерален пласман се искачивме едно место погоре, 6-ти.
Вечерта во хотел со Зоки направивме дополна на мушиците, па на спиење, во неделата повторно будење во 05, доручек и на стаза за последно 3-то коло. Јас бев во Б, Јулио во Ц и Зоки во А. И во трето коло се запишавме сите тројца и тоа допринесе да се качиме уште едно место погоре во генерален пласман и да завршиме на високото 5-то место од 21 екипа, оставајќи ги позади себе дури и црногорците од Колашин кои лани беа прваци, а преклани вице-шампиони. Тргнавме без високи очекувања, познавајќи добар дел од натпреварувачите и нивниот квалитет, но очигледно и ние сме напреднале, па се пласиравме доста добро.
Во оваа прилика сакам посебно да го пофалам Зоки кој придонесе за добриот пласман со неговото прво место во сектор во трето коло, кога сите имаа 0, 1 или 2 риби, а тој беше прв со 6 уловени риби во мерка. Зоки, иако релативно неискусен во однос на другите, се покажа како одличен риболовец кој допрва ќе прави добри резултати.
На натпреварот се уловија и многу риби под мерка, а судиите не прогледуваа низ прсти ни за милиметар. Мене во прво коло не ми бодуваа пастрмка која беше 198 мм.
Организацијата имаше доста пропусти, малку неорганизирано беше одењето по позиции, судиите не ги почитуваа во целост договорените насоки, во некои сектори имаше мерење за време на натпревар што беше договорено да нема поради простор за манипулации, Емил имаше среќа како супервизор да биде заборавен на крај на стаза и да се враќа пешки после прво коло едно 2 км низ планина, а од другата страна на стазата заборавија натпреварувач од Словенија кој 2 часа чекал некој да го земе (во кањонот немаше мобилна мрежа) и така...
Во секој случај, добар натпревар со одлични екипи од 8 земји и уште едно искуство плус за нас.
Малку фотографии за крај, редуцирав колку можев.
Поздрав и бистро од FF тим Македонија!

Прегледано 3485 пати

ПРИЈАТЕЛИ

Bistro logo           IMG 20240901 123322   pastrmka          bistroinspekcija