Струмица

Струмица

Сливот на река Струмица го зафаќа крајниот југоисточен дел од Република Македонија и се протега во правец северозапад-југоисток. Изворишната челенка ја сочинуваат повеќе водотеци што се формират и спуштаат од највисоките делови на планината Плачковица. Сепак како извориште се смета изворот на Радовишка Река кој е на надморска височина од 1.540 м. Во Радовишко Поле, Радовишка Река се спојува со Ораовичка Река, од каде до влезот во Струмичко Поле го носи името Стара Река. Поминувајќи ја кратката клисура, меѓу Радовишката и Струмичката Котлина, оваа река влегува во Струмичката Котлина во која го носи името Струмица. Текот на Струмица низ Струмичката Котлина, во која прима голем број на поројни водотеци кои депонираат огромен нанос во речното корито, порано бил доста отечнат и коритото било плитко, а изливањето на водата од него честа појава. Како последица на ова се формирале постојани мочуришта во близина на речниот тек меѓу кои најголемо било Моноспитовското Блато. Со извршените мелиорации по Втората светска војна, овој процес е запрен. Под Ново Село р. Струмица излегува од Струмичкото Поле и тече низ Кључката Клисура формирана помеѓу планините Огражден на север и Беласица на југ, каде што ја поминува границата со Р. Бугарија на кота од 186 м и се влива во Струма на територијата на соседна Р. Бугарија.

Во нашата земја Река Струмица има должина од 75,1 км и дренира сливна површина од 1.520 км2. Има вкупен пад 1.354 м, односно релативен пад од 18‰. Средниот проток на Струмица кај Ново Село изнесува 6,16 m3/s, средните минимални води 1,16 m3/s, а средните максимални води 14,50 m3/s. Најголемиот проток се јавува при крајот на зимата и во почетокот на пролетта, односно во месеците февруари, март и април. Така во февруари средните големи води изнесуваат 60,50 m3/s. Најмалите протоци се во месеците август и септември со минимум на средни води во август, кога овде протечуваат само 0,05 m3/s.

Во својот тек Река Струмица прима четири поголеми притоки, три од левата и една од десната страна. Леви притоки на Струмица се Ораовичка Река, реката Плавија и реката Турија, а десна притока е само реката Водочница.

Микроакумулации во сливот на Струмичка Река на кои може да се врши рекреативен риболов се:

≠ акумулација Иловица, општина Босилово,

≠ акумулација Дрвошка, општина Босилово,

≠ акумулација Новоселска, општина Ново Село и

≠ акумулација Маркова Брана, општина Струмица.

Најмали дозволени риболовни мерки за видовите значајни од аспект на рекреативен риболов:

Крап 40 см

Бела мрена 35 см

Црна мрена 20 см

Клен 30 см

Штука 40 см

Сом 70 см

Скобуст 25 см

Црвеноперка 20 см

Костреш, перкија 20 см

Рибата се мери од врвот на муцунката до крајот на опашната перка, кога перката е нормално отворена.

Сите уловени риби под определената големина, треба внимателно да се откачат од јадицата и неоштетени и во жива состојба да се вратат во водата.

За сливот на Струмица, за кој се пишува оваа риболовна основа не се пропишува тотална забрана за риболов во фиксен верменски период.

Заштитата на рибите и влијанието во правец на зголемување на густините на популациите на рибите ќе се изврши преку:

- заштита на рибите во периодот на мрест

- заштита на мрестните локалитети (природните плодишта)

Временски период во кој е забранет лов на риби

Штука Од 01. февруари до 31. март

Скобуст Од 15. април до 15. мај

Сом Од 15. април до 15. мај

Црвеноперка Од 15. април до 15. мај

Клен Од 05. мај до 15. јуни

Крап Од 05. мај до 15. јуни

Бела мрена Од 15. мај до 15. јуни

Црна мрена Од 15. мај до 15. јуни

Сите случајно уловени примероци од наведените видови, во периодот на забрана мора во жива состојба и неоштетени да се вратат во риболовната вода.

Забрането е секакво изнесување на рибите за кои е определена забрана, нивно убивање, како и ставање во секаков вид на чуварки.

На риболовните ревири “Стумица 1” и “Струмица 2” како специфични локации каде се мрестат бела мрена, црна мрена, клен, крап и скобуст (бојник) се определуваат вливовите на сите притоки.

Се забранува вршење рекреативен риболов во периодот од 1 април до 30 јули на специфичните локации каде се мрестат рибите.

Дозволениот дневен улов по видови на риби за риболовните ревири “Струмица 1”, “Струмица 2” и рекреативните зони “Маркова брана”, “Доброшка” “Иловица” и “Новоселка” се ограничува на

Скобуст до 15 (петнаесет) примероци

Клен до 10 (десет примероци

Бела мрена до 5 (пет) примероци

Сом 1 (еден) примерок

Крап до 2 (два) примероци

Штука до 5 (пет) примероци

Црвеноперка до 25 (дваесет и пет) примероци

Костреш до 20 (дваесет) примероци

Максимална дозволена количина на дневен улов на риба, за риболовните ревири е вкупно 3 кг. Тоа значи дека доколку риболовецот во уловот има разни видови на риба, вкупната количина на улов по рекреативен риболовец, на ден не смее да биде поголема од 3 кг, а воедно и не смее да бидат надминати макималните ограничувања за бројот на уловени единки по видови.

Во вкупната количина до 3 кг. влегуваат и сите останати видови на риби кои досигнуваат помали должини (белвица, црна мрена, кркушка и др.)

За видовите “сончаница”, “амурче” и “сребрен карас” нема никакво ограничување и може да се лови во сите должуни и во неограничени количини.

При вршењето рекреативен риболов дозволена е употреба на максимум две риболовни трски со по три јадици на трска или максимум три риболовни трски со по една јадица на трска, со или без машинка (орша) и употреба на сите видови природни и вештачки мамки.

Прегледано 9546 пати

ПРИЈАТЕЛИ

Bistro logo           IMG 20240901 123322   pastrmka          bistroinspekcija