Треска

Треска

Треска, во Кичевската Котлина позната како Голема Река, е трета по должина вардарова притока. Извира од карстен вруток кој се јавува на јужниот огранок на планината Бистра, под врвот Киска во с. Извор во Копачка на 740 м надморска височина, а се влива во Вардар во Скопската Котлина кај с. Сарај, на надморска височина од 260 м. Вкупната должина на текот изнесува 138 км, со пад од 480 метри и сливна површина од 2.068 км2 или 8,04% од територијата на Р. Македонија.

Во својот еволуционен развиток Треска ги изградила Кичевската (14,0 км), Бродската (17,5 км) и Големата Клисура (66,2 км), а ја пресекува Кичевската Котлина, Бродското алувијално речно проширување, Порече и мал дел од Скопската Котлина. Досегашните истражувања (Ј. Цвииќ, П. Јовановиќ, Б. Милоевиќ) утврдиле дека Треска има пиратериска долина, која е составена од две реки: една која се вливала во Скопското Езеро- Долна Треска и друга која се вливала во Поречкото Езеро- Горна Треска. Оваа што се вливала во Поречкото Езеро истекувала преку Барбарас и Уши во Пелагонија. Со истекувањето на Скопското Езеро се спуштила долната ерозивна база во Скопската Котлина, се јавува зголемување на вертикалната ерозија што предизвикало назадно поместување на извориштето на Долна Треска и негово навлегување во басенот на Порече. Така ја одводнува водата од Поречкото Езеро и врши пиратерија на горнито тек односно Горна Треска и изградува единствена долина. Во оваа долина денеска егзистираат две акумулациони езера: Матка и Козјак. Средниот тек на Треска, околу с. Здуње, месното население го именува како Горна Треска, а горното поречие околу Брод како Долна Треска што не одговара на стварноста.

Леви притоки на Треска се:

Студенчица (13,8 км), Зајаска Река (27,1 км), Рабетинска Река (12,2 км), Девичка Река (13,0 км), Слатинска РекаТополничка Река (12,6 км), Мала Река или Црнешница (27 км) и Сува Река или Фуш (25,6 км). (16,2 км),

Поголеми десни притоки на Треска се:

Беличка Река (15,7 км), Сланешница (12,2 км), Крапска Река (4,1 км- понорница), Белешница (5,8 км) и реката Оча (4 км исто така понорница).

Езеро Козјак - Се наоѓа на реката Треска во нејзината Голема Клисура 15 км спротиводно од браната Матка. Езерото е со повеќе наменски функции како: производство на електрична енергија, потоа наводнување, водоснабдување на градот Скопје и други населби и заштита од поплави.

Езеро Матка.- Се наоѓа на реката Треска при нејзиниот излез од Големата (Шишевската) Клисура. Браната е лачна, армирано-бетонска, изградена во 1938 година Изградено во близината на Скопје, со изразито атрактивен амбиент ова езеро денеска е едно од најпосетените излетнички места во околината на Скопје.

Рекреативно езеро Треска – се наоѓа во општина Сарај во непосредна близина на село Глумово. Има облик на бубрег со вкупна површина од 13 ха и просечна длабочина од 2 м. Најголемата длабочина изнесува 3 м. Во основа е проточно езеро и се полни преку доводен канал, кој е делумно затворен, од р. Треска. Преку преливник водата од езерото истекува во затворен канал и повторно се влева во реката Треска. Основната намена за која е изградена акумулацијата е рекреација и бањање, меѓутоа како резултат на лошиот квалитет на доводната вода (на доводниот канал се приклучени канализациони мрежи на куќи од викенд населбата и селата над акумулацијата) акумулацијата веќе подолг период е забранета за пливање.
Условите на средината и квалитетот на водата овозможуваат голема биолошка продукција и интензивен раст на рибите во акумулацијата

Најмали дозволени риболовни мерки за видовите значајни од аспект на рекреативен риболов на риболовните ревири Треска 1 и Треска 2:

Пастрмка 30 см

Бела мрена 35 см

Црна мрена 15 см

Клен 30 см

Скобуст 25 см

Попадика 20 см

Најмали дозволени риболовни мерки за видовите значајни од аспект на рекреативен риболов на атрактивните риболовни води: риболовен ревир Треска 3, рекреативна зона Матка и рекреативна зона “РЕ Треска”:

Пастрмка 40 см

Крап 45 см

Бела мрена 35 см

Клен 30 см

Скобуст 25 см

Попадика 20 см

Црна мрена 15 см

Забелешка: Рибата се мери од врвот на муцунката до крајот на опашната перка, кога перката е нормално отворена.

Сите уловени риби под определената големина, потребно е внимателно да се откачат од јадицата, неоштетени и во жива состојба да се вратат во водата.

За останатите видови риби кои, кои не се наведени во табелата, кои се помалку значајни од аспект на рекреативен риболов, видови на риби кои ги има во поголема количина во риболовната вода или се во групата на непожелни видови риби, не се предвидува заштитна мерка “најмала дозволена големина под која несмеат да се ловат”, што значи дека може да се ловат на сите големини.

За сливот на Треска за кој се пишува оваа риболовна основа не треба да се пропишува тотална забрана за риболов во фиксен верменски период.

Заштитата на рибите и влијанието во правец на зголемување на густините на популациите на рибите да се изврши преку:

- заштита на рибите во периодот на мрест

- заштита на местата каде се мрестат рибите

Се забранува лов на риби во определен временски период, и тоа:

Пастрмка Од 01. октомври до 28/29. февруари наредната година

Скобуст Од 15. април до 15. мај

Клен Од 05 мај до 15 јуни

Попадика Од 05 мај до 15 јуни

Бела мрена Од 15мај до 15 јуни

Црна мрена Од 15 мај до 15 јуни

На реката Треска покрај забраната за риболов за време на мрестењето, а заради поголема заштита и зголемување на популациите се воведува забрана за риболов на пастрмка во деновите од понеделник до четврток, (со исклучок на државните празници и летните месеци јули и август).

На рекреативната зона “РЕ Треска” е забранет риболов на крап за време на неговиот мрест во траење од 15 дена. Времето на мрест се дефинира за секоја година во зависност од моменталните услови.

Сите случајно уловени примероци од наведените видови, во периодот на забрана мора во жива состојба и неоштетени да се вратат во риболовната вода.

Забрането е секакво изнесување на рибите за кои е определена забрана, нивно убивање, како и ставање во секаков вид на чуварки.

На риболовниот ревир “Треска 1” како специфична локација каде се мрести македонската пастрмка се определува делот од изворот до мостот на патот Кичево-Битола.

На риболовниот ревир “Треска 2” како специфична локација каде се мрести македонската пастрмка се определува делот на Мала Река од Самоков до вливот во Треска.

На риболовниот ревир “Треска 3” како специфична локација каде се мрести македонската пастрмка се определува делот од браната Матка до “Мечкина Дупка”.

Дозволениот дневен улов по видови риби за риболовен ревир “Треска 1” се определлува на:

македонска пастрмка до 2 (два) примероци

калифорниска пастрмка неограничено

Максимална дозволена количина на дневен улов на риба, за риболовен ревир “Треска 1” не се определува. Тоа значи дека единственото ограничување е бројот на уловени примероци пастрмка.

Дозволениот дневен улов по видови риби за риболовните ревири “Треска 2” и “Треска 3” се определлува на:

Македонска пастрмка до 2 (два) примероци

Калифорниска пастрмка неограничено

Скобуст до 10 (десет) примероци

Клен до 10 (десет) примероци

Бела мрена до 5 (пет) примероци

Попадика до 25 (дваесетипет) примероци

Максимална дозволена количина на дневен улов на риба, за риболовен ревир “Треска 2” и “Треска 3” е до 3 кг. Тоа значи дека доколку риболовецот во уловот има разни видови на риба, вкупната количина на улов по рекреативен риболовец, на ден не смее да биде поголема од 3 кг, а воедно и не смее да бидат надминати макималните ограничувања за бројот на уловени единки по видови.

Во вкупната количина до 3 кг. влегуваат и сите останати видовите на риба кои не се наведени во списокот (белвица, црна мрена, кркушка и др.).

За видот “сребрен карас” нема никакви ограничувања и може да се лови во сите должини и во неограничени количини.

Дозволениот дневен улов по видови на риби за рекреативна зона “Матка” изнесува еден примерок на пастрмка на ден.

Останатите видови риби на рекреативна зона “Матка” не се под посебен режим на заштита. Вкупното количество на дозволен дневен улов од другите присутни видови е до 2 кг, а се почитуваат најмалите дозволени риболовни мерки за р. Треска.

Дозволениот дневен улов по видови на риби за рекреативна зона “РЕ Треска” се определлува на:

Македонска пастрмка до 2 (два) примероци

Крап 1 (еден) примерок

Амур 1 (еден) примерок

Клен до 10 (десет) примероци

Костреш до 10 (десет) примероци

Попадика/деверика до 20 (дваесет) примероци

Максимална дозволена количина на дневен улов на риба, за рекреативна зона “РЕ Треска” е до 3 кг. Тоа значи дека доколку риболовецот во уловот има разни видови на риба, вкупната количина на улов по рекреативен риболовец, на ден не смее да биде поголема од 3 кг, а воедно и не смее да бидат надминати максималните ограничувања за бројот на уловени единки по видови.

Во вкупната количина до 3 кг влегуваат и сите останати видовите на риба кои не се наведени во списокот (белвица, црна мрена, кркушка и др.).

Во дозволен риболовен прибор за рекреативен риболов спаѓаат: риболовни трски, риболовни машинки (орши) и разни видови на природни и вештачки мамки.

При вршењето рекреативен риболов на пастрмка може да се употребува само една риболовна трска, со или без машинка (орша) и задолжителна упореба на вештачки мамки. Дозволена е употреба на следните вештачки мамки: еден блинкер со една јадица (трокрака, двокрака или едникрака) или еден воблер кој може да има до две јадици (трокраки, двокраки или еднокраки) или три вештачки мушички кои можат да имаат еднокраки јадици.

При вршењето рекреативен риболов на останатите видови риби, дозволена е употреба на максимум две риболовни трски со по три јадици на трска или максимум три риболовни трски со по една јадица на трска, со или без машинка (орша) и употреба на сите видови природни и вештачки мамки.

Риболов на пастрмка со природни мамки на р. Треска е строго забрането. Користењето на природни мамки во риболов на пастрмка се третира како криволов.

При вршењето рекреативен риболов на останатите видови на риби, дозволена е употреба на максимум две риболовни трски со по три јадици на трска или максимум три риболовни трски со по една јадица на трска, со или без машинка (орша) и употреба на сите видови природни и вештачки мамки.

На рекреативната зона “Матка” дозволен е риболов само со вештачки мамки. Користењето на природни мамки е строго забрането.

Прегледано 12935 пати

ПРИЈАТЕЛИ

Bistro logo           IMG 20240901 123322   pastrmka          bistroinspekcija