Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој објави повик за добивање средства од Програмата за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата за 2017 година.
Средствата се наменети за изградба на нови капацитети, проширување, реконструкција и модернизација на постојните објекти за аквакултура, како и изградба на нови капацитети за преработка на рибите и набавка на опрема за доработка, преработка, складирање и пакување на рибите.
Од Агенцијата информираат дека финансиската поддршка ќе се исплаќа по принцип на кофинансирање на реализирани и исплатени инвестиции во висина од минимум 50 проценти до максимум 65 проценти од вредноста на одобрените прифатливи трошоци.
Вкупната вредност на исплатени финансиски средства не може да надмине износ од 3.500.000 денари.
За средствата за изградба, проширување, реконструкција, адаптација и модернизација на постојните капацитети за аквакултура може да аплицираат субјекти кои се запишани во регистарот на одгледувачи на риби, а средствата за изградба на нови и модернизација на постоечките капацитети за преработка на риби може да ги користат микро, мали и средни претпријатија регистрирани за аквакултура кои користат недвижен имот на којшто планираат да изградат преработувачки капацитети.
Барањето со потребни документи и упатсвото за корисниците може да се преземат од веб страницата на Агенцијата www.ipardpa.gov.mk
Крајниот рок за поднесување на барањата е 16 октомври.