Акумулацијата Шпиље или Дебарското Езеро е вештачки создадена акумулација чие полнење завршило во 1969 година. Езерото се наоѓа во Дебарската котлина на местото каде што реката Радика се влева во реката Црн Дрим кај месноста Шпилски Мост, на околу 5 км од градот Дебар, на височина од 490 м. Височината на браната изнесува 101 м. Вкупната должина на акумулацијата е 22 км со најголемата длабочина од 94 м. и површина на воденото огледало од 1320 ха. Вкупниот волумен на акумулацијата е 520 милиони м3, а корисниот волумен изнесува 223 милиони м3 вода. Акумулацијата Шпиље се напојува од водите на реката Црн Дрим, од водите на најголемата десна притока река Радика, како и од водите на речните токови што се формираат на југозападната страна на планината Осогово и североисточната страна на планината Јабланица. Дотекувањето од страна на реката Црн Дрим е прилично рамномерно во текот на целата година заради постоењето на Охридското Езеро и Езерото Глобочица како регулатори, додека од реката Радика е мошне променливо и зависи од природните фактори во сливот. Температурата на езерската вода изнесува околу 14.4°С, минималната се спушта на 3.0°С, а максималната до 23.9°С. Прозирноста на водата се движи од 4.4 м во средишниот дел, до 2.5 м во крајбрежјето. Водите од акумулацијата Шпиље се користат за производство на електрична енергија, како и за наводнување на околу 1980 ха обработливи земјоделски површини во Дебарското Поле
Големина на риби по видови под која не смеат да се ловат
Охридска пастрмка 38 см
Мавровска пастрмка 38 см
Крап 35 см
Клен 25 см
Скобуст 25 см
Грунец 10 см
Мрена 20 см
Моранец 10 см
Јагула 60 см
Карас – без ограничување
Плашица 11 см
Утврдување на периодот на природен мрест по видови
Природниот мрест на рибните популации е променлив секоја година и зависи пред се од температурата на водата во акумулацијата. Но сепак постојат одредени сознанија за евентуалниот почеток на мрестот и неговото времетраење за сите видови на риби. Се забранува ловење на одредени видови на риба во акумулацијата Шпиље.
- охридска пастрмка од 15. Октомври до 31. Март.
- мавровска пастрмка од 15. Октомври до 31. Март.
- крап од 01. Април до 30. Јуни
- клен од 01. Мај до 31. Мај
- скобуст од 01. Април до 31. Мај
- мрена од 01. Мај до 30. Јуни
- плашица од 01. Мај до 30. Јуни
- моранец од 01. Мај до 30. Јуни
За рекреативен риболов се дозволува:
Две риболовни трски со по три јадици на трска или три риболовни трски со по една јадица (со или без машинка). За пастрмката се дозволува лов со блинкер со влечење, со ограничување на 12 ловни дена во годината.
Дозволениот дневен улов би изнесувал : пастрмка (охридска и мавровска) до 3 примероци, крап и јагула до 2 примероци, клен, плашица и скобуст до 5 кг, останатите видови на риба до 3 кг и карасот неограничено.