Мавровско езеро

Мавровско езеро

Основни податоци и географија

Мавровското Езеро се наоѓа во северозападниот дел на Република Македонија. Се наоѓа на 1200м надморска височина меѓу шумовити и високи планини. На југ е заградено со шумовитата и тревна Влаиница, а на север со огранците на Шар Планина. Над езерото од сите страни се издигаат високи листопадни и иглолисни шуми, кои се огледуваат во бистрата езерска вода. Тие му даваат посебна убавина и изглед.

Мавровското Езеро е долго 10 км, а широко од 5 до 3 км. Најголемата длабочина од 50м ја достигнува во близина на браната која е висока 54м, долга 210м и широка 5м. во основата браната е широка 286м и во неа се вградени 705 000 м3 материјал.

Денес езерото освен со помалите притоки со вода се полни и од реката Радика. Канализираните води на оваа река се користат за добивање електрична енергија и за наводнување. Во зимскиот период езерото замрзнува секоја година.

Мавровското Езеро е порибено со Пастрмка и со други риби, а околината му е богата со разновиден дивеч.

Потекло

Сè до 1947 година на местото на денешното езеро се наоѓала Мавровската котлина низ која течела Мавровската Река. Тогаш на реката на излезот од котлината и бил затворен патот кон Радика со голема земјена брана. Така котлината започнала да се полни со вода, а на нејзиното место се создало Мавровското Езеро. Новосоздаденото езеро поплавило 1370 хектари земјиште претежно под ливади и акумулира околу 357 милиони м3 вода.

Туризам

Маврово е вистински предизвик за секој љубител на природата. Зелените нијанси на Бистра, остриот воздух, тишината, езерскиот брег, водата, сето тоа е доволен поттик да се посети мавровско и да се ужива во неговата околина.

До Маврово може да се стаса со автомобил, но има и редовни автобуски линии. Може да се преноќи во некој од повеќето хотели или во изнајмена викендичка. Ако сте само за излет, може да се сместите каде било околу езерото и таму да кампувате. Најпопуларни места околу езерото се местата Црн Камен, Крстови, Леуново, Никифорово, кои се препорачуваат за поголеми групи излетници, но добро е и секое друго катче што сами ќе си го изберете.

Ако ви недостасува планинарење, можеби добро ќе ви дојде да го следите патот на овчарите и да направите излет во некое од околните селца, каде ќе наидете на топло добредојде и прекрасни селски специјалитети.

Риби и риболов

За љубителите на риболовот е важно да се нагласи дека езерото во изминатите години е збогатено со разни видови на риба, пред се со пастрмка. Воедно, во езерото има популација од клен, плашица, но може да се улови и шаран и некој друг вид на риба. Во деновите на викендот на мавровското езеро има голем број на риболовци.

Прегледано 12655 пати

ПРИЈАТЕЛИ

Bistro logo           IMG 20240901 123322   pastrmka          bistroinspekcija