Честопати чепкајќи по мојте рибарски реквизити
,налетувам и на некои списанија кој сум ги купувал порано.Имав навистина многу списанија,но давајќи ги по другари,останав само со еден број,од едно списание на македонски јазик кое за жал веќе не се штампа.Тоа е СПОРТСКИ РИБОЛОВЕЦ од април 1997 број 3.
Во него има една навистина интересна случка-репортажа,на несекојдневен улов на сом во тоа време во деведесетите години,во центарот на Скопје на Вардар,па еве решив преку нашиот форум да ја споделам оваа случка со Вас
Авторот започнува вака:
Причините за да го напишам овој текст за уловот кој го остварив пред три години се следните.Прво,зошто токму сега,со излегување на оваа наша прва Македонска риболовна ревија,ни се пружи можност ние спортските риболовци од Македонија да ги прикажеме своите искуства и остварени улови пред другите колеги.Второ,што во ова време кога секојдневно слушаме за загадени води и криволов,а аналогно на тоа и се помалку риба и капитални улови,сметав дека овој мој улов е по многу нешта карактеристичен и занимлив.
Многу пати имам слушнато од постарите Скопски риболовци дека реката Вардар пред триесетина години била богата со риби и во делот што тече низ Скопје.Покрај бојникот и кленот имало и крупна мрена,попадика,па дури и крап и сом,но загадувањето и уништувањето на природниот изглед на реката со изградба на камено корито за регулирање и заштита од поплави,направија голем дел од овие риби(освен бојникот и кленот) веќе да ги нема во овој дел од Вардар.
Есента 1994 год.во разговор со колегите од населбата Карпош 3 во Скопје,дознав дека еден колега на теренот на бившата градска или Руска плажа (кај градскиот парк) уловол сом од 4 кг,користејќи ВОБЛЕР.Во прв момент не поверував во оваа "рибарска приказна",но сепак следниот ден попладнето,отидов на местото и се уверив во вистинитоста.Тоа попладне тој имаше уловено уште две сомчиња од 3 до 5 кг.Точно беше и дека ловеше на воблер и тоа Грдо Пајче,производ на Графопромет од Чачак.
Пријатно изненаден од она што го видов решив следното утро и јас да си ја пробам среќата.Бидејќи и јас многу често ловам на Воблери и имам богата опрема за тој вид на риболов,посебно за лов на пастрмка и клен,се обидов да "укомпонирам "елементи кои би одговарале токму за сомчиња од 4 до 5 кг.Го спремив својот карбонски стап ЕРЛАЈН СПИНИНГ од 3 м,со акција на фрлање А и тежина на фрлање од 10 до 40 гр,а на машинката Силстар,намотав конец ДАМ КАМУ 0,25ММ,додека од воблери решив да понесам со себе се што имам големо,од РАПАЛА до Грдо Пајче.Ноќта ја преспав нервозно и веќе во 6 часот бев буден,пред да заѕвони будилникот.Со својот Томос автоматик,вооружен со риболовен стап и воблери,а посебно со голема желба да го уловам својот прв сом во кариерата,стигнав на местото на кое што сеуште немаше други риболовци.Бев сам на мојата страна од реката.Од другата страна на Вардар седеше и ловеше на тапа еден постар колега.Почнав да фрлам на горниот крај од вирот,кој што се формира после еден силен и длабок брзак.Силата на водата не дозволуваше мојата Рапала ФАТ РАП-Шелов Ранер да оди подлабоко кон дното(длабоко тонечка),но веќе при второто влечење ја закачив за нешто на дното.Проблем,воблерот чини 20 ДЕМ.Бидејќи на тоа место водата е брза и јака,но со чисто дно,претпоставив дека воблерот е закачен за некој остар камен.Следеше соблекување и утринско капење.За среќа,воблерот беше закачен за камен на крајот од коритото,каде што истото нагло преоѓа во длабочина,па успеав да го спасам.Убаво расвестен од студената вода,се спуштам подолу и фрлам во средината на вирот кој на тоа место е длабок околу 2 м.Ништо не се случуваше.Почетната еуфорија и елан полека стивнаа и почнав да мислам дека тоа можеби биле само две-три сомчиња кои што ете веќе се уловени!
Сепак се спуштам уште подолу на излезот од вирот.Тука длабочината е помала и има јаки вртложења на водата,што ме наведува да помислам дека во средината на коритото можеби има дупки во кои што лежи и "мојот" сом.Го менувам воблерот и ставам Грдо Пајче бр.5,боја БС,фрлам и воблерот паѓа на самиот раб од водата и брегот.Полека намотувам,а преку врвот на риболовниот стап осеќам како воблерот на моменти го допира дното на реката,значи изборот е добар.Повторно фрлам,бавно влечење и токму на средината од реката воблерот одеднаш застанува,удирам контра,но со страв дека е "закачка на дното".Токму во истиот момент "закачката" почнува да се движи,а мојот крвен притисок и адреналин вртоглаво растат,тоа е она чувство кога започнувате борба и надмудрување со риба која многу години успеала да остане не уловена благодарејќи на својот инстикти сила,и токму тоа чувство ме тера секој слободем миг да го поминам на река.Возбуден сум и незнам за колкава риба се работи,но ја чувствувам силата со која таа се движи спроти течењето на водата,без оглед на тоа што јас се обидувам да го контролирам нејзиното движење.Одеднаж тргнува надолу и како од шега извлекува десетина метри конец од мојата машинка,иако кочницата е наместена на момент на кинење на конецот.Дали јас успевам или пак самата риба тоа го прави,не знам,но сепак запира.Конецот е толку затегнат што почнува да свири,а карбонскиот ДАМ е опасно свиткан,до граница на пукање,па почнувам да мислам дека нема да можам да се справам со оваа риба за која што сега дефинитивно знам дека е многу голема.Со својата голема сила таа повторно тргнува,но сега кон спротивниот брег и ми зема уште десетина метри конец:Ако вака продолжи,наскоро ќе останам без конец на макарата и крајот се знае.Се решавам на се или ништо,почнувам да давам сила за да ја усмерам рибата кон себеи за среќа тоа ми успева,таа тргнува кон средината на реката,а јас брзо го намотувам конецот на машинката,но на петнаесетина метри од мене повторно застанува.Сега веќе знам дека таа е уморна.Истиот замор,што од возбуда што од потрошената сила го чувствувам и јас.Подлактицата од десната рака веќе почнува да ми трнее и да ме боли.Во тој момент на велосипед,за моја голема среќа,пристигнува колега-риболовец и гледајќи ме како стојам со свиткана трска и затегнат конец ме прашува дали сум закачил за некој корен на дното.Не верувајќи ми на одговорот,со чудење ги завиткува ногавиците од пантолоните и сомничаво вртејќи со глава решава да влезе во водата и да ми помогне да ја извадиме сеуште "невидливата риба".
Повторно на сила успевам да ја одлепам рибата од дното и да ја усмерам да плива кон брегот.Тогаш рибата за прв пат се појавува на површината и се покажува со целата своја големина,тоа е сом подолг од еден метар.За миг ми стана јасно дека со конецот со дебелина од 0,25 мм и малите трокраки јадици од воблерот не ми даваат големи шанси да ја задржам рибата под контрола.За да биде неизвесноста уште поголемамојот "помошник",уплачен од големината на рибата и неуспешноста на својата асистенција,предлага да ги смениме улогите,јас да бидам тој што ќе ја фати рибата со раце и извади надвор.Му објаснувам дека не треба да се плаши,дека сомот ќе го донесам во плиткото и дека тој ќе треба да го земе во прегратка и да го фрли на брегот.Правиме и обид,јас го повлекувам веќе сосема уморниот сом во плиткото,а колегата се наведнува и со двете раце се обидува да го дофати сомот,но тој му се лизнува од рацете.За среќа и конецот и јадиците издржуваат и сомот сеуште е тука.Повторно се договараме и ја повторуваме целата операција.Овој пат успеавме,тој го фрла сомот на брегот,а јас од радост трската,следи честитање.Одмараме кусо време низ муабет,колегата повторно ми помага сега да го натовариме сомот на мојот мопед.
Веќе е 8 часот.Се упатувам кон месарницата на Видан во Карпош 2,нетрпелив да ја измерам уловената риба.Којзнае што си помислиле многубројните минувачи ,или пак патниците од автобусите покрај кои минувам,во овие утрински часови.Глетката е навистина невообичаена,човек со мотор и сом од метро и пол,се возат рано наутро низ Скопје.Знам,не претпоставувам,ја спомнале онаа-"рибари будали".
Вагата во месарницата кај Видан застанува на 12 кг и 800 грама.Должината на сомот е 135 см.Заминувам дома,а сопругата исплашено ме прашува што чудо е тоа што сум го донел,не верувајќи дека сум го уловил во центарот на Скопје.Како што сопругите вообичајно не им веруваат на рибарите.Следат низа телефонски јавувања,пријателите рибари еден по еден да го видат мојот необичен улов.Следува фотографирање.
Сомот кој го уловив можеби не може да се смета за капитален по својата големина.Неговата капитална вредност е во фактот што тој е уловен во центарот на Скопје,на прибор предвиден за многу помали риби.
Ова што мене ми се случи ми дава надеж,а се надевам и вам,дека Вардар повторно ќе ја добие шансата да биде она што бил некогаш,чист и богат со риба,кока во годините на моето детство кое го минав покрај неговите брегови во старото Маџир Маало.Се сеќавам,а тоа беше пред триесетина години,на кристално бистрите води на Вардар,пребогати со риба,се сеќавам декараковите беа жители на реката дури и во градското подрачје.Се сеќавам на првите рибарски стапови направени од врбови гранки,на првите "скапоцени" бамбуси и натежнатите низи со риби уловени на Вардар,не многу далеку од центарот на Скопје.
Да се погрижиме барем дел од овие слики од минатото да ги пренесеме во сегашноста и иднината,не само заради нас,туку и за нашите деца и идните поколенија.
Автор:Момчило Ефремов