Втора половина на Април, но посебно Мај и Јуни се месеци на мрест во кој ние рибарите треба да знаеме да се воздржиме од одење по риба и особено треба да се воздржиме од зимање на риби кои се во мрест.
На многу води низ Македонија има концесионери кои по редот на нештата треба да се грижат за поуспешно мрестење на рибите. Некои се грижат, некои помалку, некои воопшто. Има и води кои што немаат концесија и на кои е забранет риболов, но сепак некои риболовци ризикуваат големи казни и ги напаѓаат и овие води. Оние кои треба да водат грижа во најголем дел се концесионерите, чуварите, инспекторите и полицијата. Но се чини дека најголем чувар на идниот подмладок од риба низ Македонија е свеста на луѓето. Токму затоа треба да бидеме свесни дека: во овој период од втора половина на Април, но посебно
Мај и Јуни се мрестат
Црвеноперката, Лињакот, Кркушката, Крапот, Кленот, Сомот, Бојникот, Мрената, Попадиката, Кострежот, Смуѓот и други видови риби (освен Пастрмката и Штуката чиј мрест е веќе поминат)
За тоа колку е битен мрестот на рибите во овој период говорат бројките кои ќе ги видите подоле, кои говорат колку од прилика јајца (идни рипчиња) може да снесе полово зрела женка од некоја од видовите риби.
Крап од 200.000 - 700.000 јајца (икра)
Клен од 50.000 – 200.000 јајца (икра)
Бојник од 50.000 – 100.000 јајца (икра)
Мрена од 3000-8000 јајца (икра)
Сом може да снесе до 500.000 јајца (икра)
Попадика 80 000 - 200 000 јајца (икра)
Костреж положува и до 200.000 јајца (икра)
Ваквите бројки укажуваат дека ниту едно порибување неможе да даде допринос за богатството на риби во македонските води колку што е успешниот мрест на рибите. Но, во исто време, овие бројки укажуваат дека и штетите по рибниот фонд од рибокрадците и риболовците со слаби етички и морални вредности, во овој период се огромни.
Токму затоа, во овој период рибите треба да се остават на мира да си ја завршат својата природна функција и треба воздржување од риболов. Но и да се најдете во овој период на некоја вода, имајте совест и размислувајте за иднината. Сетете се на овие бројки во секој момент кога ќе помислите да земете 5 кркушки, 3 клена, 2 мрени, 2 крапа, еден сом, или по две три кила црвенпоерка, или попадика. Сетете се дека не зимате само неколку риби, туку уништувате милиони риби. Кога ќе ви текне да спремате, или ќе ви понудат чорба од икра, или плескавици од икра, сетете се дека таа чорба или плескавица е напрвена од илјадници рипчиња кои не дошле на овој свет поради некој кретен. Можеби вашиот стомак и стомакот на вашите пријатели ќе биде полн после 2-3 гезмиња, но водата од каде што сте ги земале рибите ќе биде посиромашна за неколку милиони риби подмладок. Рибите, или чорбата, или плескавицата, која сте ја изеле ќе ги исфрлите во некоја шоља после еден ден, а водата од каде што сте ги земале рибите во мрест ќе биде посиромашна за милиони рипчиња во сите идни години. Размислете дали вреди !
Можеби сте правеле вакви работи во изминатите години, никој не е безгрешен, но секогаш има момент кога можеме да се поравиме. Секој човек учи, созрева и еволуира. Оваа година нека преовлада разумот.
И не само лично да размислите, туку имајте активен пристап и подучете ги вашите пријатели, комшии и роднини. Ако не разбираат што е мрест и колку е важен за Риболовот во Македонија, укажете им, подучете ги, пробајте да ги одвратите од мислата да тргнат на риболов на риба која се мрести. Ако веќе неможете да ги одвратите и се најдете со нив на терен, пробајте да ги разубедите да не земаат све, да не земаат риби полни со икра, укажете им на штетите кои ги прават.
Во исто време, помогнете им на риболовните здруженија, концесионерите, инспекторите и полицијата, да се зајакнат контролите во овој период на мрест на рибите. Да се зајакнат контролите, да се зголемат акциите и да се удри ЈАКО по рибокрадците.
Ова е период кога рибокрадците трљаат раце, затоа што рибите доаѓаат и се мрестат близу обалата, голем дел од рибите се зашамутени и целосно препуштени на љубовната игра, или пак не бегаат за да си го бранат потомството и во такви ситуации настапуваат мрежарите, настапуваат вилите, харпуните, динамитот и други средства за масовно истребување на рибите. Рибокрадците пунат вреќи, кошеви, трактори и цели сандаци со риба која не е измрестена и на тој начин уништуваат цели генерации на риби. На овој начин рибокрадците крадат од државата, крадат од природното богатство, но и од нас рибарите. Тоа е главната причина поради која на многупати во годината вистинските рибари неможат рипче да фатат на некои води. Рибокрадците го крадат нашето задоволство ! Токму затоа треба да се даде целосна поддршка и да се одвратат многу луѓе кои ги познавате, а кои се бават со ваков криминал. Казните се големи и достигнуваат до неколку илјади евра. Ако неможете да ги разубедите, не им помагајте, не ги кријте, на тој начин и Вие сте соучесник во масакарот што го прават.
Пријавете ги и секој да се најде пред лицето на правдата !
Пријавете го или кај концесионерот, или во Инспекторатот за земјоделие на бесплатниот број
0800 11 000
БИДИ СОВЕСЕН, НЕ ЗИМАЈ РИБА КОЈА СЕ МРЕСТИ, ВКЛУЧИ СЕ ВО БОРБАТА ПРОТИВ РИБОКРАДЦИТЕ и ЗАШТИТИ ГО МРЕСТОТ !