Еве еден интересен текст за тоа како настанало Моклишко езеро
Моклишко со дебел мраз и на плус 10 степени
Моклишко Езеро е атракција за туристите, планинарите, вљубениците во природата, а формирано е од реката Луда Мара пред 56 години
Ова е природен феномен, при висока надворешна температура езерото да е оковано во дебел слој мраз, велат планинарите од Kавадарци кои викендов пропешачија покрај Моклишкото Езеро. Мразот на површината од мистериозното езеро, како што се нарекува во Тиквешко, ги изненади љубителите на природата.
- Според нас, планинарите, ова е природен феномен. На температура од над 10 степени, цела недела, и на надморска височина од 550 метри, езерото с` уште е под мраз. Повеќе од половината е замрзнато и тоа со дебел и цврст мраз. Фрлавме со камења, ама мразот не го скршивме - тврди Блаже Мелов, планинар од Kавадарци.
Моклишкото Езеро е атракција за туристите, планинарите, вљубениците во природата. По 56 години од неговото формирање од реката Луда Мара, с` уште претставува мистерија која ги привлекува авантуристите. Езерото е последица на природната катастрофа која го зафатила Kавадаречко, во која од ридот Градот што се урнал, биле затрупани и загинале 12 луѓе, меѓу кои и еден ветеринар и стадо од 1.200 овци.
По катастрофата не биле пронајдени никакви остатоци ниту од луѓето ниту од животните. Kога се урнал ридот, како река се струполиле 12 милиони кубни метри земја во должина од илјада и широчина од 400 метри. Се создала брана, а реката го формирала езерото.
- Местото каде што се урнал ридот го викале Пропаст или Дукова Дупка. Kако што се раскажувало во минатото, двајца браќа од селото Долна Бошава, лути на татка си Дуко оти ги терал да работат аргати, а тој расипнички им ги трошел парите, го убиле и го фрлиле во пропаста - раскажуваат постари Тиквешани.
Пред неколку години „Дневник” пишуваше за 80-годишна старица која по половина век случајно дозна кој ја спасил од катастрофа каква што не се памети во поширокиот регион. Таа се запозна со синот на човекот кој буквално ја откопал од земјата и ја вратил меѓу живите, па се родила по втор пат.
- Бегајте, Господ фрла со камења, викаа овчарите. Kамења се тркалаа од сите страни, парчиња земја пукаа и се лизгаа надолу, бучава татнеше и ни ги параше ушите. Земјата како да вриеше. Прав се дигна до небото. Почнавме да бегаме како муви без глава. Пискотници се слушаа на сите страни - раскажуваше тогаш 80-годишната Магдалена Димова за тоа што го преживеала.
Поради овие настани, Моклишко Езеро го нарекуваат мистериозно.