Црн Дрим истекува од Охридското езеро, и ја напушта Македонија во близина на градот Дебар. На македонска територија Црн Дрим е 56 километри долг. Но реката има вообичаен тек само нешто помалку од една половина од таа должина и тоа од Струга па се до селото Ташмаруништа. Напуштајќи го селото реката влегува во клисура и веднаш по неа формира езеро благодарение на брана висока 82 метри лоцирана 10 км на север на другата страна на езерото. Браната ја формира акумулацијата Глобочица создадена од водите на Црн Дрим. После тоа од браната истекува како мало рекиче, популарно наречено Мало Дримче, кое за време на повисок водостој се полни со плашица и бојник. После тоа следува Дебарско езеро, од каде што Дрим истекува и продолжува во Албанија...
Да не се заборави делот од излезот кај Струга па до мостот кај Ташмаруништа... Дел богат со риба, многу бојник, клен и поточна црна мрена, понекоја избегана пастрмка, плашица и грунци во секое време
На времето колку што читав по риболовните основи, имало и главатица (пандан на младицата во големина), но одамна е истребена.
Има одлични места за ловење, кај Враништа, кај Ложани, кај Добовјане. Штета што поминува покрај повеќе села, па мештаните си ја сметаат за своја и сачмите и мрежите играат секојдневно, но за чудо, рибата успева да опстане. Повеќе бојник немам видено во ниедна река во МК.
Бојникот најчесто го ловам на обичен бел леб или сечен дебел црн црв, ископан од бавча. Дури мислам дека повеќе ми удира на сечениот црв отколку на леб. Се лови и на трева, во зависност од сезоната. Во моментов, иако тревата таму не е доволно порасната, 30% од последните бојници беа зелени внатре
Убаво се лови во помирните делови, а во лето преку ден влегува и во поплитките брзаци, па може да му завлезете и да го чекате на полу-пец.
Кленот е сваштојад, ама јас највеќе сум го ловел на црн црв. Инаку, во Вевчанското рекиче што се улива кај Добојване
може да се најдат добри чаури за клен. Во близина на мостот кај Ташмаруништа, добро јаде и на пченка-шеќерац.
Се вадат исто така добри парчиња на црна мрена (кркушка по скопски), најубаво рано сабајле додека излезе сонцето, после тоа многу поретки се ударите. Мренката најубаво ми удирала на бел црв, црн црв и пченица.
Ако ништо друго не јаде дента, плашицата нема да ве изневери, ама треба убаааво да ја исчистите, пошо стално е зелена внатре и знае да мириса на трева. Грунците и моранците не се значајни во муабетов.
Пастрмка знам дека има, ама немам никогаш фатено таму, од време на време некоја ќе се закачи, ама никој не ја лови целно.
Јас ловам на малку побрза вода, така да секогаш користам тапи од 3-5 грама, удици 10 или 8, а конец 0.12 - 0.14.
На воблери и блинкери сум пробувал многу пати, но ниту еднаш не сум фатил риба на Дрим. Подолу на Глобочица се лови добро на воблери, спинери и кашики.
За мушичарење нема добри услови, обалата е релативно обрасната, освен кај селата каде што е почисто, но и има помалку риба, а водата е длабока, од 0.5 до 3 метри отприлика, така да е тешко изводливо мушичарењето, освен некој да ве вози со чамец по средина, а вие да фрлате по страните. Со васер кугла имам фрлано, удирале само плашици по рабовите.
За сабајле најубаво е да фрлате на дубинка со олово на тркалање, и во средина и по краевите удираат добри црни мрени, но во побрзите делови на реката.
И да не ги заборавам изворите на Дрим, кои не се значајни во муабетов, но мора да се спомнат, каде што во лето има големи јата на кленови, но за среќа, риболовот не е дозволен, па освен по некој “шверцер“ што фрла од страна со оловце за клен, рибата е заштитена
„река Црн Дрим 1“ е доста посетен и интересен ревир за рекреативните риболовци од целата територија на РМ. Целта е што е можно повеќе да ги информираме риболовците за случувањата на овој риболовен ревир и за активностите на концесионерот ЗРСК Пастрмка - Струга.
Податоци за риболовен ревир „река Црн Дрим 1“
viewtopic.php?f=99&t=2237&p=65327#p65327