Голем помор на риба во реката Струмица
Уште еден голем помор на риба во реката Струмица сериозно ги вознемири струмичани и надлежните власти. Случајот е регистриран вчера, а засега не се знаат причините за угинувањето на пет тони риби. Ова е втор ваков случај за неполн месец што фрла сомнеж кај локалното население дека виновникот е човечки фактор.
Како умираат рибите во реката Струмица? За еден месец втор голем помор, или вкупно пет тони пцовисана риба, крап, бојник, клен, караш, мрена и штука. Локалните риболовци предупредуваат дека нешто сериозно се случува со водата.
„Рибата крвареше, чудно како со игла прободена, не знам што се случува, втор пат е вака, отров ли е или нешто друго“, вели Митко Тошев, риболовец од село Самоилово.
Поморот е забележан вчера попладне, половина километар после Смоларски мост. Полицијата зела примероци од пцовисаната риба, а денес и комуналниот инспектор од општина Ново Село го разгледуваа теренот.
„Беше темно веќе, немаше ни месечева светлост, полицијата користеше свои светла, земаа околу три - четири килограми риба за испитување, ќе видиме што е проблемот“, велат инспекторите.
Кон крајот на август, кога беше првиот помор, мештаните коментираа дека жештината и ниското ниво вода во коритото се причина за поморот, но од синоќа е јасно дека постои друг виновник за огромната штета.
Реката Струмица од февруари месец е без домаќин, кога престана да важи концесијата на риболовното друштво „Елен“од Ново Село.
Сузана Мицева
29.09.2011, 14:55 _________________
ВАРДАР Е ВАРДАР
|